Пред неколку дена, Мајкрософт, неочекувано, го прескокна бројот 9 и ја најави новата, 10. верзија од својот камен темелник, оперативниот систем Виндоус.
Никој не објасни зошто не се продолжи со бројот девет, земајќи предвид дека претходните верзии беа означени со 7 и 8, но можеби едноставно, Бил Гејтс ја смета деветката за баксузен број.
Виндоус 10 ќе биде универзален оперативен систем и ќе работи на широк спектар од уреди, почнувајќи од мобилни телефони, па се до масивни мултимедијални и корпоративни серверски решенија. Исто така, за новиот оперативен систем ќе постои единствена продавница за апликации, нешто како пресликана верзија на андроид апликацијата „Play Store“ од Гугл.
Според визуелниот изглед, Виндоус 10 изгледа како потентна мешавина од Виндоус 7 и 8, каде што Мајкрософт, слушајќи ги желбите на луѓето, се осврна кон своите корени и конечно го врати назад препознатливото копче „Старт“ на десктопот. Ова копче беше тргнато во Виндоус 8 кога во Мајкрософт се соочија со големо незадоволство од своите муштерии, па овој потег сигурно ќе им донесе поени кај нивните верни корисници кои што тогаш, поради Старт-от и многу други непопуларни новини, им го свртеа грбот и почнаа да користат други оперативни системи.
Пребарувачот што се појавуваше во Старт менито и користеше за локално пребарување на податоци, сега ќе пребарува и на интернет, како и на сите други мрежи со кои е поврзан уредот.
Корисниците на Виндоус 10 кои користат десктоп компјутери, ќе можат од продавницата за апликации да ги користат сите верзии на софтвер кои што не се направени за компјутер.
Сите апликации за другите уреди ќе бидат универзални за било која верзија на новиот Оперативен систем и корисниците ќе можат да ги користат во за нив, препознатливиот десктоп на Виндоус.
Новиот оперативен ситем е се уште во својата рана развојна фаза и е достапен за тестирање преку новиот систем Windows Insider Program преку кој се очекува да се вклучат огромен број на програмери.
Новиот Виндоус 10 ќе се појави во април 2015 година.
Подготви: В.С.
Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без дозвола од редакцијата на Плусинфо