Екипите ЈП „Водовод и канализација“ ја реконструираа атмосферската канализациска мрежа кај подвозникот на булеварот Киро Глигоров со што проточноста на атмосферските води ќе се зголеми двојно, извести Град Скопје.
Оваа локација на булеварот Киро Глигоров беше посочена како една од десетте црни точки во градот кои редовно се поплавуваа во текот на обилните врнежи ова лето.
На терен најпрво била извршена реконструкција на постојниот атмосферски колектор кај објектот „Бриколаж“, при што биле вградени полипропиленски цевки со профил Ф 800 милиметри, во должина од 57 метри. Со овој зафат е направено исправање на атмосферскиот колектор, којшто претходно имаше две прекршувања под агол од 90 степени, што според законите на физиката, значително го отежнувало функционирањето на колекторот.
Потоа на јужната страна на булеварот Киро Глигоров, кон подвозникот се поставени решетки од монолитен бетон, во должина од 7,3 метри во правец од Аеродром кон Автокоманда, а во правец од Автокоманда кон Аеродром во должина од 5,3 метри. Истите се приклучени во шахтите на постојниот атмосферски колектор Ф 1.200 милиметри, а коловозот е асфалтиран.
За одведување на атмосферските води од северната страна на булеварот Киро Глигоров, исто така, се поставени решетки од монолитен бетон, во должина од 5,25 метри на потегот од Аеродром кон Автокоманда на крајната десна лента пред семафорите кај „Фершпед“, а во правец од Автокоманда кон Аеродром на крајната десна лента во должина од 3,25 метри. Решетките се приклучени во постојниот колектор, а коловозот е асфалтиран.
Функцијата на моноблоковите е да ги прифатат атмосферските води пред тие да се слеат во најнискиот дел на подвозникот и да го поплават.
Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без дозвола од редакцијата на Плусинфо