Македонија, не е меѓу земјите надвор од ЕУ, кои ќе ги применуваат санкциите кон Русија. Меѓу нив не се споменува ниту Србија, која во јануари почна преговори за членство, а утре ќе ја посети рускиот претседател Владимир Путин, ниту Турција, која за членство во ЕУ преговара од 2005 година, забележуваат западните медиуми кои пренесоа изјава на шефицата на европската дипломатија Кетрин Ештон во која таа соопштува дека Албанија и Црна Гора веќе се приклучиле на санкциите, објави МИА.
-Албанија и Црна Гора, двете земји што сакаат да се приклучат кон Европската унија, решија да ги применуваат економските санкции што ЕУ и ги воведе кон Русија поради нејзината улога во украинската криза - соопшти Ештон.
Санкциите ќе се применуваат и од стран на Исланд, кој едно време беше кандидат за членство во ЕУ, но во 2013 година се откажа од таа своја намера.
Норвешка и Лихтенштајн, кои асоцираат со ЕУ преку спогодбата за слободна трговија, исто така, ќе ги применуваат замрзнувањето на сметките и неиздавањето на визи, но нема да ја почитуваат забраната за давање краткорочни кредити.
Македонија меѓутоа, заедно со Албанија, Црна Гора, Исланд, Норвешка, Лихтенштајн, Украина и Грузија ќе ги применува санкциите против 15 лица кои се вмешани во конфликтот во молдавската сепаратистичка област Придњестровје, која во 1990 година прогласи независност и неофицијално ужива поддршка од стран на Русија. Овие санкции беа воведени во 2010 година, а во јуни беа продолжени до крајот на октомври.
Подготви: Р.И.М
Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без дозвола од редакцијата на Плусинфо