Новите правила за превозот на посебни пратки, кои по обем го надминуваат стандардниот габарит во железничкиот транспорт, беа тема на дискусија на денешната меѓународна конференција која се одржа во Скопје. Конференцијата ја организира Меѓународната унија на железниците (УИЦ).
- Безбедноста, е приоритет во нашето работење. Во таа насока е организиран и превозот на посебните пратки кој е резултат на координирано делување на повеќе организациски делови на претпријатието. Потврда за нашата успешна организираност и работење е фактот што досега на територијата на мрежата на ЈП МЖ Инфраструктура не се случил ниту еден инцидент од аспект на безбедноста при превозот на посебните пратки - рече директорот на „МЖ Инфраструктура“, Ирфан Асани.
Директорот на „МЖ Транспорт“ Оливер Деркоски, посочи дека станува збор за динамична материја, па железничките компании мора постојано да воведуваат нови правила за тој превоз.
- Како транспортна компанија сме должни да ги почитуваме сите правила кои ги пропишува УИЦ во случајот прописите за превоз на посебни пратки кои го надминуваат вообичаениот габарит. На конференцијата ќе се утврдуваат и измени на правила кои треба да важат во иднина, кои ќе ги почитуваме и на нашите клиенти ќе им пружиме превоз на посебни пратки -рече Деркоски.
Подготви: Р.И.М
Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без дозвола од редакцијата на Плусинфо