Побезбедно одвивање на сообраќајот на булеварот Борис Трајковски на железничкиот премин кај населбата Усје ќе овозможат новопоставените рампи и нови сообраќајни знаци со светлосна сигнализација. Новата сигнализација денеска ја промовираа градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, директорот на Македонски железници - Инфраструктура, Ирфан Асани и градоначалникот на општина Кисела Вода, Билјана Беличанец-Алексиќ.
- Вградувањето на овој систем е резултат на добрата соработка на Градот Скопје со Македонски железници - Инфраструктура, Македонски железници - Транспорт и Цементарницата „Усје“. На терен, во изминатиов период беа поставени светлосни сообраќајни знаци за означување премин на патот преку железничка пруга во ниво и полубраници за затворање на сообраќајот на преминот преку железничката пруга во ниво. Претходно овој премин беше регулиран физички, со знаменца, а сега преминот е обезбеден со рампи и целосна сигнализација со што во голема мера ќе се зголеми безбедноста во сообраќајот. Настојуваме оваа крстосница да стане дел и од Центарот за управување и контрола на сообраќајот за да се овозможи дополнителна контрола и мониторинг – рече денеска градоначалникот Коце Трајановски.
Директорот на МЖ – Инфраструктура, Ирфан Асани истакна дека овој проект е дел од низата успешни проекти за подобрување на железничкиот сообраќај и за зголемување на безбедноста на железничките премини.
- Овој нов систем којшто е финансиран главно од Градот Скопје и од Цементарница „Усје“ треба да биде пример како се решава сообраќајот кога индустриски колосеци се вкрстуваат со сообраќајници, а којшто треба да го следат и другите правни субјекти – рече Асани.
На терен работеа екипи од ЈП „Улици и патишта“, Цементарница „Усје“ и од Македонски железници.
Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без дозвола од редакцијата на Плусинфо