Буџетот за 2015 година што го предлага Владата нема да направи ниту мал чекор во насока на стопирање на растечката сиромаштија во земјава. Она што сигурно ќе расте и догодина е само задолженоста. Целата проекција на Буџетот е направена врз неиздржани претпоставки и предвидувања, со големи нелогичности. Македонската економија не може да издржи Буџет од три милијарди евра. Тоа го докажуваат претходните години. Оваа власт нема капацитет за реални и издржани капитални проекти што ќе ја придвижат економијата, за да има поместување и во стандардот на граѓаните, вели потпретседателот на СДСМ, Ванчо Узунов.
Тој нагласува дека соочена со лоши економски показатели, Владата повторно се враќа на практиката за предвидување релативно висока стапка на раст на БДП , што потоа не може да ја оствари. Така, за в година е предвиден пораст на БДП од 4 проценти, при инфлација од 2 проценти, што во суштина значи номинален раст од 6 проценти.
- Кога тоа нема да се оствари, што е за очекување? Кој ќе биде виновникот? Власта? Или ЕУ? Во Буџетот на Владата нема разумно образложение за предвидувањето врз која основа буџетските приходи ќе пораснат за 5 проценти во 2015 година. А ако тоа не се случи, од каде владата ќе земе повеќе пари од оваа година? Како генератор на предвидениот раст за 2015 година Владата ги смета бруто инвестициите, за коишто очекува да растат со стапка од 8 отсто, што го оправдува со капитални и приватните странски инвестиции. Но, како власта го предвидува тоа со зголемување на капиталните расходи за следната година за само 0,6 проценти? Со ребалансот оваа година Владата покажа дека ниту планираните приходи за тековната година не може да ги обезбеди вели универзитетскиот професор.
Узунов денеска јавно праша со кое издржано образложение власта за догодина предвидува пораст на јавните инвестиции, кога за оваа година, до крајот на месец август, се извршени само 49 проценти од планираните?
- Нелогично е и очекувањето за пораст на индустриското производство за 4,4 проценти, во услови кога нема пораст на странската побарувачка и нема пораст на домашната побарувачка поради нискиот стандард на граѓаните. Која од овие две проекции е погрешна? Или и двете? Градежништвото догодина, според Владата, треба да има најголем раст од 7,5 проценти, во услови кога нема договори за извоз на градежни услуги во странство и опаѓа платежната моќ на граѓаните. Конечно, владата за догодина предвидува пораст на БДП (за 4 проценти), во апсолутен износ помал буџетски дефицит, но исто учество (од 3,5 проценти) на дефицитот во БДП како за оваа година? Дали е тоа само ненамерна грешка, или тука се крие нешто друго? Владата треба да одговори на поставените прашања. СДСМ предупреди што носат огромните задолжувања на граѓаните. Огромни камати, заспано стопанство и сиромаштија. За жал, власта веќе нема механизам ниту да го скрие, ниту да го смени. Погрешните политики почнаа да го земаат данокот, на грбот на граѓаните - оценува потпретседателот на СДСМ.
Подготви: Г.Н.
Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без дозвола од редакцијата на Плусинфо