Последна промена пред 10 години | Среда 02 Април 2025 | 0 0
http://image3.plusinfo.mk//kolumnisti/dragan mlosavljevik.jpg

Срамот наречен Кобане

  • Драган Милосављевиќ

  • Прочитано: 3398
  • 10.10.2014
Сподели со твоите пријатели!

Обичните градови, особено оние во далечните или глобално небитни земји ја имаат таа судбина да останат непознати за повеќето луѓе под капата небесна. Најчесто животарат како малечки точки на географската карта, нацртани таму само колку хартијата да не стои празна и можеби за да им овозможат на исто толку малите луѓе да го поминат својот дел од животот заштитени во тоталната анонимност на која не ѝ е пишано, со какво било случување да го возбудува светеот.

 

Ако пак станат познати и славни, тоа речиси сигурно ќе се случи поради некоја природна катастрофа, некој необичен светско историски настан или најчесто поради одвратен, безвременски брутален чин извршен од луѓе, или подобро кажано од монструми кои привремено успеале да го сокријат својот демонски идентитет навлекувајќи си маска на достојни човечките суштества.

 

Денес веројатно има малкумина со елементарни гимназиски знаења кои не би можеле да погодат што се случило со Помпеја седумдесетина години по Христовото раѓање, зошто средновековната француска хероина Јованка се нарекува Орлеанска, од каде заминал и кон кој пустински град се упатил пророкот Мухамед кога ја создавал новата религија, каде во непрегледната руска степа се одиграла најголемата битка во Втората Светска војна.

 

Речиси сигурно, дури и надвор од нашата балканска жабокречина луѓето се сеќаваат што се случи во Сребреница во 1995 година, паметат како за неколку мигови во 2011-та беше уништен Порт-о-Пренс, а не се малцинство ниту оние што добро знаат колку е очаен животот во талибански Кандахар или во сомалискиот пекол Могадишу. Во последниов месец уште едно мало, безначајно, забаталено гратче на сириско-турската граница набрзина си го избори своето место на оваа листа и ако не во историјата, тогаш барем во свеста на нашата генерација.

 

Кобане или Кобани постои, така тврди Википедија, едвај стотина години, го населуваат главно Курди, има и Арапи кои го викаат Аун Ал-Араб, а во популацијата од цирка 45.000 жители се наоѓа и понекој Туркмен или Ерменец. Градов делува и звучи толку здодевно што веројатно никој што не е роден во него или евентуално нема извонредно големи причини за такво нешто, не би си дозволил луксуз таму да помине повеќе од 24 часа. Но Кобане има лоша среќа. Им стои на патот на џихадистите од „Исламска држава“ во обидот да остварат стратешка контрола врз северните погранични области на Сирија каде освен Курдите немаат, барем засега, ниту еден сериозен противник. Кобане нема среќа и затоа што Турција, чија моќна армија од границата буквално со голо око ги гледа борбите меѓу џихадистите и курдските доброволци, не покажува никаква намера да го спречи паѓањето на градот и потоа, сосем извесниот масакар врз тамошното цивилно население.

 

Курдските борци, со застарено рачно оружје, храбро им се спротиставуваат на професионалните убијци, верски фанатици и белосветски лудаци кои далеку помногубројни и опремени со првокласно американско вооружување од три страни навлегуваат во градот. Во очајот, во оној вистински, нималку патетичен очај, свесни за судбината што ги очекува доколку Кобане падне, Курдите се борат жилаво и твродглаво, напрегајќи ги силите до крајни граници, при што индивидуалните чинови на храброст напросто вчудоневидуваат, како да не му припаѓаат на ова докажано кукавичко време.

 

Одлучноста на една деветнаесетгодишна девојка, курдски доброволец, со експлозив на своето тело да се втурне во редовите на џихадистите и да го заврши животот носејќи со себе триесетина непријатели, сигурно е еден од најблексавите, но и најтрагичните во хорор приказната што светските агенции ја пренесуваат од сириската пустина. Некој цинично би можел да забележи дека самоубиствените акции се типични токму за џихадистите против кои се борела несреќната девојка, но причините, тоа е извесно, не се и не можат да им бидат исти. Додека тие се одлучуваат на таков чекор заслепени од омраза и залудени со приказни за некакви ветени благосостојби на другиот свет, нежната курдска девојка морала да реши да го уништи својот живот гледајќи во тоа дело единствен начин, макар и на кратко, да ги запре оние што сакаат да ја уништат не само неа, туку и нејзиното семејство, нејзиниот град и најпосле, нејзиниот народ.

 

Девојчинската жртва и воопшто жртвата на сите бранители на Кобане е уште потрогателна кога ќе се стави во иста реченица со борбата на САД и на нивните арапски сојузници против „Исламска држава“, организација која постои и денес толку е моќна само затоа што нејзините тазе непријатели тоа ѝ го озвозможија. Секој нормален човек, секој што поседува макар просечна моќ за логично расудување би морал да се запраша, што тоа им се случува на американските воздушни сили во последно време, односно од моментот кога американскиот претседател Барак Обама одлучи тие да бидат ударната тупаница во походот против терористите од „Исламска држава“. Во последните седумдесетина години американското оружје ги доби сите можни војни пред и над сè, благодарејќи на воздушната надмоќ, на првокласните авиони ловци и бомбардери во чии спектакуларни способности се имаат уверено восхитените од радост, народи на толку многу држави. Да не се навраќаме премногу назад, доволно е да се сетиме на Ирак и на Садам Хусеин чија толку фалена војска буквално се распадна под ударите на американските Фантоми, Рептори, Спирити, Фалкони и Тандерболти.  

 

Притоа зборуваме за војска од преку еден милион војници, со полошо од американското, но сепак пристојно вооружување и со искуство од осумгодини војна против Иран. А беше раскантана и измелена како бибер кога во Вашингтон решија сериозно да се позанимаваат со судбината на ирачката нафта. А еве против „Исламска држава“ работата некако запнува. Весниците и интернет порталите секојдневно пренесуваат прецизни извештаи од Пентагон, телевизиите повторно како во старите добри времиња ни озвозможуваат снимки од пилотските кабини на суперсоничните авиони додека ракетите млатат нешто долу на земјата, некое утврдување кое подоцна излегува дека било житен силос, „тојота “ пикап со монтиран тежок митралез понекогаш ненамерно заменет со тежок ирачки тенк и така натаму и така натаму.  

 

Но кој работи тој и греши, а Американците работат долго и во полза на целото човештво па затоа ним може и да им се прогледа малку повеќе низ прсти кога се во прашање грешките и колатералните штети. Лошото во целата приказна се всушност сè уште мизерните резултати од кампањата против „калифатот“. Се чини дека со секој нов американски напад „Исламска држава“ станува сè посилна и освојува уште повеќе територија во Ирак и во Сирија, а тоа, би требало да се сложат дури и најголемите поборници на американската безгрешност, не е она што светот го очекува. Кога е во прашање битката за Кобане работите стојат уште полошо, како за курдските борци така и за американскиот интегритет и веродостојност како водечка сила во судирот со лошите момци на Ал Багдади. Репторите ракетираат секој ден сè повеќе и повеќе, а и џихадистите исто така напредуваат во заземањето на градот сè повеќе и повеќе. Од Пентагон велат дека авионите сами не можат да ја завршат работата и дека е потребна сериозна сила долу на терен за да ги запре исламските милитанти во налетот кон изморениот град. Можеби е така, сигуно нивните експерти тоа подобро го знаат од нас обичните смртници.

 

Тврдат и дека конфигурацијата на теренот е таква што пилотите не можат до крај да ги искористат потенцијалите на своите ултранапредни летала а веројатно и џихадистите се некои опасни мајстори за маскирање на позиции во пустински услови. Повторно, секој може да им се потпише и на таа констатација. Ама сепак нешто не е како што треба во приказната. Велат дека градот го сардисуваат околу девет илјади војници на ИД. Нападите се одвиваат од три страни а во нив учествуваат бројни моторни возила и најмалку дваесетина тенкови. Курдите внатре не играат оро туку пукаат со сите расположливи средства кон непријателите и токму затоа битката се протегнува на речиси еден месец а можеби ќе трае и подолго. Од снимките што ги гледаме секојдневно, со просто око може да се види дека околу опсадениот град нема шуми, нема планини (едно суво ритче се наѕира во далечина), теренот е рамен и пустински, нема ниту магла ниту некоја река во близина, просто нема никаква природна заштита за џихадистите кои нстапуваат кон Кобане.

 

Во битката со старите пушкомитралези на Курдите тоа веројатно не им е ниту потребно но против американските авиони работите стојат сосем поинаку. И токму затоа секој има право да се сомнева дека авијацијата што во исти такви услови ја сомле своевремено третата најголема стоечка армија во светот, значи ирачката, сега не може да излезе на крај со неколку илјади џихадисти наместени во пустината како на тацна. Не може да се справи или не сака, тоа е вистинското прашање. Исто како што Турската влада од парламентот доби одбрение за војна против ИД на сириска територија, ама одговорните министри велат дека вмешувањето во Кобане не било реална опција. Па кога ќе стане реална опција? Кога фанатиците дефинитивно ќе го освојат градот и кога ќе им ги исечат главите на сите што не го фатиле последниот автобус кон Турција?

 

Кој знае, можеби во меѓувреме околностите ќе се променат. Можеби американските пилоти на некој волшебен начин ќе си ги повратат вештините и знаењата и ќе започнат поделотворно да истрелуваат наведувани ракети. Можеби и турската војска ќе се осмели да ја премине границата, но не за да го нападне Дамаск туку за да го спаси Кобане. Можеби некое друго чудо ќе ги избави несреќните Курди од масакрот што им се подготвува. Но што и да се случи, срамот наречен Кобане ќе остане како тежок товар на изморениот грб на цивилизацијата. Макар колку да нè потсетува одвреме навреме дека 21-от век технолошки е најсупериорен од како постои човештвото, но дека морално не сме ни мрднале од глупавата пештера на нашите влакнести претци.

 


Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа без дозвола од редакцијата на Плусинфо

Објавено: 10.10.2014 12:16

Gargamel:

Kurdskiot narod e kolateralna steta na taktiziranjeto na NATO so destabilizacijata na Sirija,rusenje na "rezimot" na Asad,zapravo preraspredelba na vlijanijata na Rusite.

Објавено: 10.10.2014 11:40

.....:

Кучињата си лаат, карванот си врви... така и со Сребреница, така ќе биде и со Кобане.... Ќе коментираме за трагедијата, големите сили ќе искажат жалење и така до следната Сребреница или Кобане

Објавено: 10.10.2014 11:19

Itar Peyo:

Американците работат долго и во полза на целото човештво !!! Bas taka !

Напиши коментар:

име:
е-маил:

добивајте известувања за коментарите на маил
порака:

Најчитани вести од последните 24 часа

Најкоментирани вести од последните 2 недели


/style/images/intervju-title.jpg

Ако неплаќањето беше олимписка дисциплина ќе земевме медал

http://image3.plusinfo.mk//kolumnisti/goran rafajlovski.jpg Објавено: пред 18.09.2014 12:00
Прочитано: 6318

Горан Рафајловски

http://image3.plusinfo.mk//izvori/plusinfo.jpg
safe_image.jpg
За патриотизмот и лојалноста (2)
Ненад Живановски
15.10.2014
Gero profil picture.jpg
Балкански дронови
Бранко Героски
15.10.2014
dragan mlosavljevik.jpg
Срамот наречен Кобане
Драган Милосављевиќ
14.10.2014
повеќе колумни>>