- 16.10.2014 09:21 Бројот на природни катастрофи во 2013 е...
- 16.10.2014 09:18 Високиот комесар на ОН за бегалци ја...
- 16.10.2014 09:16 Косовските надлежни служби го вратија...
- 16.10.2014 09:15 Седум години без Тоше
- 16.10.2014 09:14 Почина поранешниот младински...
- 16.10.2014 09:11 ГАЛЕРИЈА Најубавите жени во Хитлеровата...
- 16.10.2014 09:08 Рускиот претседател Владимир Путин во...
- 16.10.2014 09:05 ИД оствари значителен напредок во Ирак
- 16.10.2014 08:50 ФОТО Две години се во брак, а ова им е прва...
- 15.10.2014 23:09 Времето утре променливо облачно со...

Протестите против полициската бруталност не смеат да бидат брутални!
Бранко Героски
- Прочитано: 11426
- 29.02.2012
Останатo од Бранко Героски |
Отворено и безрезервно ги поддржувам утрешните мирни протести против полициската бруталност. Оваа земја, денес повеќе од кога било порано, е полициска држава, земја во која царуваат насилство, нетрпеливост и омраза. Сочувствувам со жртвите во мојот роден Гостивар. Бев згрозен и од начинот на кој беше одземен еден млад живот во Скопје, лани, на прославата на изборната победа на ВМРО-ДПМНЕ, а потоа настанот беше негиран, медиумите беа мамени, а врз семејството на жртвата се вршеа уцени и притисоци. И тогаш јавно ги поддржав протестите против полициската бруталност.
Не марширав со демонстрантите тогаш, нема да присуствувам на протестите ни утре. Немојте да ми замерите. Ќе бидам на своето работно место, во интензивна комуникација со моите колеги од Плусинфо и од „Фокус“, за да се обидам со своето искуство и со своите контакти да им помогнам за настаните да известат професионално, навремено и со јасно изразен агол, достоен за слободни новинари, кои имаат етичка обврска и смелост да сведочат за бруталноста и за насилството и да го постават клучното прашање - прашањето на политичката одговорност.
Сум имал прилика во животот, како известувач, да присуствувам на многу настани од висок ризик, во време на силни меѓуетнички тензии и во непријатната ролја на човек кој искрено повикува на сожителство, на љубов и на разбирање. При еден таков настан, во февруари 1995 година, во судирот во Мала Речица, препознаен како „албанофил“, бев брутално претепан од страна на полициските специјалци и тешко повреден, завршив два месеца во болница. На своја кожа имам почувствувано што е тоа полициска бруталност. Знам како е да бидеш претепан и понижен. И верувајте, знам дека нема ништо полесно, ама и ништо победно од тоа, потоа да повикуваш на одмазда, да бидеш дел од толпата која шири омраза, да прифатиш да бидеш марионета на моќници кои ги влечат конците зад сцената.
Тоа никогаш не сум си го дозволил. Сакам и моите помлади колеги од Плусинфо тоа да го почувствуваат, да го прифатат тој етички дискурс. Како што тоа го сторија при убиството на Мартин, но и при протестите во Струга, кога известувавме чесно и кога по националност бевме ништо друго освен новинари. А се сеќавате и самите, тогаш многу наши колеги, дури и од сајтови и медиуми кои се директно поддржани од странски западни амбасади (Господ знае зошто), ја бранеа својата „национална кауза“, блееја во своето стадо и ги поттикнуваа најниските страсти на своите читатели. Денеска ќе бидам буден и посветен тоа да не му се случи на Плусинфо. Сакам да го положиме и овој испит, со највисока оценка. Пред себе. Тоа е многу важно и за успехот на нашиот заеднички протест против полициската бруталност.
Затоа, упатувам лична порака до сите мои пријатели Албанци, кои утре ќе протестираат, поттикнати од трагедијата во Гостивар, како и до сите Македонци кои, се надевам, ќе им се придружат (ако не на самото место, тогаш на свој начин - еве, како и јас, со оваа колумна), да демонстрираат зрелост и меѓусебно пријателство, наспроти обидите што секогаш ги има на ваквите настани, енергијата да се насочи кон разгорување на меѓунационална омраза. Ако дозволиме протестите против полициската бруталност да завршат насилно и брутално, тогаш ќе мора да си погледнеме во очи и да си признаеме дека не сме ништо подобри од оние против кои протестираме.
Драги пријатели, колку и да сте гневни, повредени и разочарани, немојте за тоа да се обвинувате едни со други. Не ги обвинувајте Македонците како народ, ниту Албанците како народ, ниту нашите знамиња, ниту автомобилите на улиците, дури ни полицајците кои ќе бидат покрај вас, за да ги обезбедуваат протестите. Ако го претворите својот револт во омраза и во насилство, тогаш ќе се изгуби смислата на нашата потрага по вистината. А сите знаеме која е вистината, зарем не? Сите знаеме кој е виновен што во оваа држава полицијата дивее како никогаш до сега. Сите знаеме кој е виновен што корумпираните медиуми и новинари разгоруваат верска и национална омраза и посакуваат „второ полувреме“ од војната во 2001 година.
Утре, сите ние заедно, ќе имаме единствена можност да им се спротивставиме на овие манипуланти и прстот да го впериме кон вистински одговорните. Треба заедно да побараме министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, веднаш да поднесе неотповиклива оставка, како чин на морална одговорност за дивеењето на припадниците на полицијата, со кои таа раководи. Треба заедно да побараме одговорност и извинување од премиерот Никола Груевски, но и од лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Вториот, со своето одобрување на политиките на Министерството за внатрешни работи, премолчено ја одобрува, па дури и ја поттикнува полициската бруталност.
Треба да упатиме остра опомена и до сите кои сакаат да нѐ скараат, да нѐ натераат да се мразиме, дека еден ден ќе завршат зад решетки, бидејќи ние немаме намера да им дозволиме да предизвикаат нова војна, туку сакаме да живееме во мир и во спокојство.
Имам многу пријатели меѓу Албанците, кои ги почитувам, а знам дека и тие ме почитуваат. Не знам колку им значи мојот апел, бидејќи јас никого друг не претставувам, освен самиот себеси. Ете, како таков, јавно ги замолувам утре да ги удвојат своите напори протестите против полициската бруталност да поминат достоинствено, а критиката и барањата да се артикулираат чесно и да се упатат жестоко, ама на вистинската адреса. Тоа си го должиме на самите себе си, ако сакаме да живееме во општество во кое полициската бруталност ќе стане редок исклучок, а не правило и начин на општење на државата со своите граѓани.
Бидете силни и воздржани, гневни и одговорни. Бидете храбри. Покажете им дека сме подобри од нив!
Бранко Героски
Напиши коментар:
име:
|
|
е-маил:
добивајте известувања за коментарите на маил
|
|
порака:
|
|
Најчитани вести од последните 24 часа
Најкоментирани вести од последните 2 недели

Ако неплаќањето беше олимписка дисциплина ќе земевме медал

Прочитано: 6318